Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работна посета на општините Гевгелија и Богданци. Во текот на посетата тој одржа средби со градоначалникот на Општина Богданци, Блаже Шапов, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, како и со Советите во општините и општинската администрација, при што се разговараше за развојните приоритети на овие општини од Југоисточниот плански регион и за предизвиците со кои се соочуваат.
Во разговорите беше истакнато дека општините можат активно да сметаат на поддршката што ја обезбедува Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините. Дополнително, беше посочено дека повторно е отворен повикот за аплицирање во базата на експерти, која е достапна за сите со соодветна експертиза во областите релевантни за локалната самоуправа.
Во рамки на посетата, заедно со градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, беше направен и увид во реализацијата на ИПА проектот „Алтернативни балкански рути за мобилност за одржлив туризам“, кој се реализира во рамки на програмата Interreg (VI-A) ИПА со Република Бугарија, во рамки на приоритетот „Интегриран развој на пограничен регион“.
Проектот има за цел развој на одржлив туризам и подобрување на туристичката инфраструктура во регионот, а претставува важен чекор кон создавање нов туристички производ кој ќе го поврзе прекуграничниот регион и ќе отвори нови можности за локалната економија, бизнисот и младите. Една од активностите кои се спроведуваат во Општина Гевгелија е реконструкција на постоечки објект на старото училиште во селото Серменин, кое ќе биде трансформирано во мултифункционален туристички едукативен центар.
Министерството за локална самоуправа обезбедува 15% национално кофинансирање за реализација на проектот. Вкупната вредност на инвестицијата за Гевгелија изнесува 308.767 евра.
„Југоисточниот регион има значителен потенцијал за развој на туризмот, а ваквите прекугранични иницијативи претставуваат пример како европските програми можат да се претворат во конкретни инвестиции на терен,“ посочи министерот Перински.
Министерството за локална самоуправа ќе продолжи да биде партнер на општините преку поддршка во подготовка на проекти, обезбедување национално кофинансирање и јакнење на локалните капацитети, затоа што силните општини се основа за рамномерен регионален развој.


