Тренчевска: Креираме нови мерки за да им го подобриме животот на лицата со попреченост

Кога зборуваме за реформата од 2019 година во делот на социјална заштита и во делот на детска заштита, видни се резултатите во подобрувањето на квалитетот на живот на материјално необезбедените граѓани, меѓутоа и подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и на нивните семејства, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во одговор на прашање на пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ.

– Тоа што се работеше од 2017 година наваму и кога спомнуваме измени и дополнување на закони или пак зборуваме за нови мерки секогаш во процесот на креирање политики се вклучени целните групи односно тие на кои се однесуваат таквите измени, истакна Тренчевска.

Министерството за труд и социјална политика, посочи Тренчевска, е во постојана комуникација со здруженијата на лицата со попреченост и со родителите на деца со попреченост и заедно со нив ги креираме новите мерки и законски измени, за да им го подобриме животот на децата и на лицата со попреченост и на нивните семејства, од една страна да го подобриме материјалниот дел, значи финансиската поддршка која МТСП и останатите министерства преку различни програми ја даваат на лицата со попреченост, но од друга страна да ги зголемиме социјалните услуги кои се многу поважни кога станува збор за лицата со попреченост за и нивните родители.

– Во таа насока заедно со родителите и здруженијата креираме пакет законски измени и мерки кои се во интерес на унапредување на правата на децата и на лицата со попреченост. Дел од нив се: ослободувањето од партиципација за лицата со попреченост и над 26-годишна возраст, корисници на правото за попреченост при специјалистичко-консултативна здравствена заштита, болничко здравствена заштита и за лекови издадени на рецепт на товар на ФЗО, измени и дополнувања на законот за заштита на децата со кој ќе се овозможи ново зголемување на правото на посебниот додаток и за сите три подвида корисници на посебниот додаток, така како што е ветено и во програмата на Владата, намалување на возрасната граница за остварување на правото за траен надоместок за родител кој се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26-годишна возраст, ново право кое е воведено со реформите, сега ќе одиме со намалување на возрасната граница, рече Тренчевска на собраниската седница за поставување пратенички прашања.

Таа укажа на измени на Законот за социјална заштита со кој ќе се дополни делот за децата, лицата кои можат да ја користат услугата за лична асистенција и за децата односно лицата со комбинирана попреченост,

– Има измени и дополнувања на одлуката за цената на социјални услуги за 2022 година, каде се предвидува цена за час за индивидуален и за дневен третман на деца, односно лица со попреченост од стручен работник во лиценцираните дневни центри за деца со попреченост, воведување регистар за лицата со попреченост, нешто кое недостига во државата и ќе биде направено, ќе се воведе регистар за лицата со попреченост, измена на правилникот за ортопедски помагала со што ќе се овозможи да се доделуваат ортопедски помагала, чевли на секои шест месеци за сите возрасни групи, подготовка на нова стратегија за лицата со попреченост 2022-2027 година, процесот е веќе започнат, обезбедување обуки, понуда на работни места за невработени родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во дневните центри, отворање центар за рана интервенција во соработка со Министерството за здравство и граѓанските организација и продолжуваме со отворање нови станбени единици за живеење со поддршка, едно од најхуманите работи кога се работи за лицата со попреченост кои беа сместени во Специјалниот завод – Демир Капија и во Заводот за рехабилитација во Скопје и во Заводот за рехабилитација Бања Банско, истакна Тренчевска.

Таа додаде дека МТСП продолжува и понатаму да ги унапредува правата и да воведува нови мерки и услуги за децата и лицата со попреченост. 

28.04.2022 - 15:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега