Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во „Дневникот“ на Сител, обвини дека Владата, наместо да донесе сет мерки за да се стопира енормното покачувањето на цените, задоцнетата, една мерка, која ја донесе не даде никаков резултат.

“Имаме ново зголемување на цените на основните прехранбени производи. Намалување на ДДВ-то од 18 на 10% не покажа никаков резултат, цените растат и јас не знам економскиот министер во кој свет живее, кои бројки ги гледа и дали воопшто оди да пазари, на пазар или во супермаркет“, рече Тренчевска.

Таа посочи дека Владата мора да ја надмине сопствената суета и да ги прифати предложените мерки на СДСМ. 

„Нашите предлог-закони во Собранието треба да се прифатат и применат, затоа што тие мерки дале резултат во услови на кризата во 2022 година. Во овој момент Владата треба да ги прифати нашите предлози затоа што започна спиралата на зголемување на прехранбените производи, а за да го стопира тоа, треба да го намали ДДВ-то на храната на 0%, да ја намали акцизата на горивата за 4 денари. Ние го направивме тоа во 2022 година и даде ефект“, посочи потпретседателката на СДСМ.

Тренчевска укажа на потребата од интервенција поради високата инфлација. „Инфлацијата на храната е 16%. Во вакви услови како влада треба да интервенирате, како што ние интервениравме во најголемиот ек на кризата во 2022 година, кога ја покачиме минималната плата од 15 на 18.000 денари, и претходно во 2017 година кога дојдовме на власт рековме дека минималната плата ќе биде иста за сите вработени во државата. И тоа е грижа на Владата за граѓаните, за да имаат пристоен и достоинствен живот. Денес, во овие услови, а не знаеме колку ќе трае кризата, да имате плата од 26.000 денари е недостоинствено“, рече Тренчевска.

Exit mobile version