Европската комисија сè уште нема понудено решение за укинување на ограничувањето за престој на професионалните камионски возачи од Западен Балкан во земјите од Шенген-зоната.

Ова го изјави претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ.

За агенцијата Бета, Мандиќ потврди дека состанокот со надлежниот директорат на Европската Унија — на кој треба да се разговара за изземање на возачите од правилото со кое престојот се ограничува на 90 дена во период од 180 дена — најверојатно ќе се одржи кон крајот на следната недела.

Здруженијата на превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија упатија писмо до ЕУ со барање за директна средба во Белград или Брисел. Сепак, средбата најверојатно ќе се одржи онлајн, што според нив не е соодветен формат за вака сериозен проблем.

Разговорите дополнително се одложени бидејќи тројца директори од Директоратот на ЕУ за мобилност и транспорт се на годишен одмор до 12 август.

И покрај договорот од 10 април годинава со кој беше предвидено ресетирање на деновите поминати во Шенген-зоната, состојбата на терен останува непроменета. Возачите кои ќе бидат затекнати со надмината квота и понатаму се депортираат, а камионите се задржуваат.

Возачите кои го исполниле лимитот од 90 дена во последните шест месеци не можат да влезат во Хрватска, Унгарија или Романија. Ова правило, примарно воведено за контрола на миграцијата, ги изедначи професионалните возачи со туристите. Од неговото воведување во октомври 2025 година, не се направени измени за непречено вршење на нивната дејност.

По јануарските четиридневни блокади на товарните терминали од страна на превозниците од Србија и БиХ, транспортерите од регионот ѝ упатија рок на Европската комисија до 10 август 2026 година да понуди решение, но одговор не пристигна.

Поради молкот од Брисел, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 11 август ќе одржат регионален состанок во Македонија, каде што ќе ги договараат натамошните чекори и можните радикални мерки.

Exit mobile version