Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во Скопје наскоро повторно ќе биде ставена во функција, соопшти денеска градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Според неговите информации, во тек е темелна реконструкција на објектот кој со години беше надвор од употреба и оставен да пропаѓа.

„Станува збор за комплексен систем со специјализирана опрема произведена во Германија и со автоматизација која бара прецизно усогласување и целосно враќање на функционалноста“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој појасни дека паралелно со сервисирањето на опремата се врши и суштинско конструктивно унапредување на подната фонтана за поголема издржливост.

„Постојната носечка подконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, ја заменуваме со нова, цврста конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања. Со ова, трајно ја зголемуваме стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем“, посочи тој.

Ѓорѓиевски додаде дека фонтаната повторно ќе биде место за средби, детска радост и фотографии, враќајќи ѝ ја живоста на централната градска слика.

Покрај интервенцијата на фонтаната, најавени се и градежни активности во непосредната околина во центарот на градот.

„Паралелно, ги заменуваме и оштетените плочки на потегот од Порта „Македонија“, за централното градско подрачје конечно да добие уреден, чист и достоинствен лик каков што заслужува. Чекор по чекор, го враќаме сјајот на Скопје“, порача Ѓорѓиевски.

Exit mobile version