Транспаренси Интернешнл Македонија: Измените во Изборниот законик пред избори го загрозува легитимитетот на изборниот процес

Транспаренси Интернешнл Македонија смета дека измените во Iзборниот законик непосредно пред избори e непотребни од повеќе аспекти. Првично, сметаат дека измените во овој период го загрозуваат легитимитетот на изборниот процес, ја зголемуваат можноста за корупција во политиката и за корупција преку силата на политика и моќ, односно ќе го оневозможи вклучувањето на нови и независни кандидати во изборните процеси.

– Ќе ја зајакне постоечката пракса на контрола на собирањето потписи преку контрола во листите за независни кандидати. Ќе го продлабочи застрашувањето над граѓаните кои ќе се осмелат да излезат и да се потпишат за одреден независен кандидат засновано на страв од последица ако се поддржи некој друг. Сево ова води до продлабочување на заробеноста на државата и зајакнување на моќта и контролата од институциите, кои наместо сервис стануваат механизам за контрола и застрашување. Наместо ова, власта и сите политички партии треба да се заложат за отвореност на изборниот процес и да обезбедат поголема слобода во натпреварот за политичките функции за  институциите, наведуваат од ТИМ.

Носењето на измените во Изборниот законик непосредно пред започнување на изборниот процес, според ТИМ, се спротивни на меѓународните добри практики, поконкретно на препораките дадени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР и препораките од Венецијанската комисија.

– Во предлог измените на Изборниот законик, покрај другите законски измени, се уредува и унифицира начинот, постапката и бројот – процентот потребен за собирање на потписи за предлагање на независни листи на кандидати. Наместо различен број на потписи од граѓани за секоја општина, сега тоа ќе се утврди на 2% проценти од вкупниот број на запишани граѓани во избирачкиот список за секоја општина одделно, со што целосно се исклучуваат независните граѓански иницијативи од политичкиот процес, велат од Транспаренси Интернешнл Македонија и сметаат дека оваа законска измена е противуставна и ја нарушува демократијата како и владеењето на правото.

Во врска со оваа предлог измена на Изборниот законик, во делот во кој би се пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број на запишани граѓани во избирачкиот список за секоја општина одделно, од ТИМ истакнуваат дека треба да се следат препораките во Извештајот на ОБСЕ каде се предложува стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики, како и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи со цел да се намали потенцијалот за заплашување. 

30.07.2021 - 15:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега