Американскиот претседател Доналд Трамп упатил сериозни и остри критики кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на телефонски разговор фокусиран на ескалацијата на конфликтот во Либан. Порталот „Аксиос“, повикувајќи се на американски претставници запознаени со ситуацијата, јавува дека Трамп изразил силна вознемиреност од најавите за нови израелски напади врз Бејрут, предупредувајќи на меѓународна изолација на Израел.

„Потполно си луд. Ќе беше во затвор ако не бев јас. Ја спасувам твојата политичка кариера. Сега сите те мразат. Сите го мразат Израел поради ова“, наводно му рекол Трамп на Нетанјаху, според еден од изворите на медиумот.

Друг американски функционер потврдил дека претседателот бил бесен за време на дијалогот и во еден момент извикал: „Што по ѓаволите правиш?“.

Според американските извори, Трамп смета дека Израел има право на одговор против Хезболах, но покажал сериозна загриженост поради несразмерната ескалација на конфликтот. Тој укажал и на големиот број цивилни жртви во Либан, спротивставувајќи се на практиката да се уништуваат цели објекти за да се елиминираат поединечни команданти на Хезболах.

Израелски претставник открива дека Израел по овој разговор се откажал од дел од планираните напади врз цели во Бејрут. Сепак, двајцата лидери ја продолжиле соработката за прашањата околу Иран и безбедноста на Блискиот Исток, иако ова се смета за нивната најтешка комуникација откако Трамп се врати во Белата куќа.

По повикот, Трамп на својата мрежа „Трут соушал“ објави дека разговорите со Иран продолжуваат со забрзано темпо и соопшти дека е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.

Од друга страна, Нетанјаху изјави дека му пренел на Трамп оти Израел ќе ги нападне целите во Бејрут доколку Хезболах не ги запре нападите, додавајќи дека израелските сили ќе продолжат со операциите во јужен Либан.

Белата куќа сè уште нема излезено со официјална потврда за деталите од разговорот објавени во медиумите.

Exit mobile version