Американскиот претседател Доналд Трамп упати директна закана кон Иран доколку официјален Техеран не го прифати предложениот договор од Вашингтон. Откако претходно за „Фокс њуз“ најави продолжување на разговорите во вторник, Трамп преку својата социјална мрежа „Трут Сошнал“ испрати ултиматум.
„Нудиме многу фер и разумен ДОГОВОР и се надевам дека ќе го прифатат, бидејќи ако не го сторат тоа, САД ќе ги срушат сите електрани и сите мостови во Иран“, напиша Трамп, додавајќи: „НЕМА ПОВЕЌЕ ГОСПОДИН ФИН ЧОВЕК!“.
Американскиот претседател дополнително нагласи дека уништувањето на иранската инфраструктура ќе се случи „брзо, лесно“ и порача дека „ако не го прифатат ДОГОВОРОТ, ќе ми биде чест да го направам она што мора да се направи, што требаше да му го направат на Иран другите претседатели во последните 47 години“.
Заканите на Трамп доаѓаат како одговор на претходните критики од иранскиот преговарач Мохамед Багер Галибаф, кој блокадата на иранските пристаништа ја нарече „незнаечка“ и „глупава“. Галибаф истакна дека Техеран нема да дозволи транзит низ Ормутскиот теснец доколку нивните бродови се блокирани, додавајќи дека иранските сили се „целосно подготвени“ за евентуални непријателства од страна на САД.
Во дискусијата се вклучи и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој во неделата го оспори легитимитетот на американскиот претседател. „Трамп вели дека Иран не може да ги користи своите нуклеарни права, но не кажува за каков злостор. Кој е тој да лиши една нација од нејзините права?“, праша Пезешкијан.


