Четири балкански држави деновиве се соочија со серија лажни дојави за поставени бомби во училишта и трговски центри. По евакуациите во Загреб, Сараево, Подгорица и Будва, денеска мета на закани преку електронска пошта беа и скопските трговски центри „Ист Гејт“ и „Дајмонд Мол“.
Иако проверките на полицијата потврдија дека сите дојави се лажни, начинот на кој се изведени – преку анонимни мејлови и синхронизирано испраќање – укажува на организирана хибридна операција. Експертите предупредуваат дека методот е веќе познат и искористен во минатото, а целта е ширење паника и исцрпување на безбедносните ресурси.
Методот на напади е идентичен со оној од 2025 година, кога Македонија и Србија беа речиси секојдневно цел на закани. Тогашните надлежни институции утврдија дека пораките доаѓале од привремени мејл-адреси креирани на сервери надвор од јурисдикцијата на локалните обвинителства, што го оневозможува лоцирањето на извршителите.
За овој тип на закани, во минатото, државниот врв испрати јасна порака до јавноста: „Сите без исклучок се лажни дојави. Тоа се тие хибридни напади кои ќе се случуваат, не се нешто неочекувано. Ваков тип на напади имаше и во Хрватска, претходно во институциите во Унгарија“.
Според претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, позадината на овие напади е поврзана со геополитичките случувања. Тој смета дека иницијалната каписла е осудата на руската агресија врз Украина од страна на земјите во регионот. Аналитичарите додаваат дека целта е создавање на постојано чувство на несигурност кај граѓаните на државите кои тежнеат кон ЕУ.
Прашањето кое останува отворено е дали ова е поединечен инцидент или почеток на нов бран кој, како што покажа искуството од претходните години, може да продолжи со недели.


