Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша нова извршна наредба со која се прошируваат санкциите против кубанската влада. Целта на овој потег е да се зголеми притисокот врз официјална Хавана преку дополнителни рестрикции.
Новите мерки се директно насочени кон лица и компании поврзани со безбедносниот апарат на кубанската влада. Дополнително, под удар се и сите оние кои се обвинети за корупција и сериозни прекршувања на човековите права.
Вашингтон предвидува санкциите да опфатат и странски субјекти кои работат во клучните сектори на кубанската економија. Ова е дел од долгогодишните барања на САД за отворање на државното стопанство, исплата на обештетување за одземени имоти и организирање слободни избори.
Реакцијата од Хавана пристигна веднаш. Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, ги отфрли овие мерки, нарекувајќи ги обид за заплашување.
„САД немаат право да воведуваат мерки против Куба или трети земји. Нема да нѐ заплашат“, порача Родригез.
Министерот оцени дека станува збор за „еднострани мерки“ кои претставуваат колективна казна за кубанскиот народ.


