Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да соработува со новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, но истакна дека Мамдани ќе мора да покаже „целосно почитување“ кон федералната власт доколку сака да постигне успех во управувањето со градот.

Изјавата доаѓа само неколку дена откако Мамдани го претстави својот тим по историските избори, на кои стана првиот муслимански и јужноазиски градоначалник на најголемиот град во САД.

Реагирајќи на изјавите на Мамдани дадени на изборната ноќ, во кои тој вети дека ќе му се спротивстави на Трамп и неговите политики, претседателот ги оцени тие коментари како „опасни“.

„Тој мора да покаже одредено почитување кон Вашингтон, бидејќи ако не го стори тоа, нема шанси да успее. Сакам тој да успее. Сакам градот да успее,“ изјави Трамп, додавајќи дека неговата поддршка е насочена кон успехот на Њујорк, а не нужно на Мамдани лично.

Претходно во текот на денот, Трамп на состанок на Американскиот бизнис форум во Мајами го нарече Мамдани „комунист“, но сепак нагласи дека неговата администрација ќе соработува со новиот градоначалник.

„Комунистите, марксистите и глобалистите имаа своја шанса и донесоа катастрофа. Сега да видиме како еден комунист ќе го води Њујорк,“ изјави Трамп.

Мамдани, кој во својата програма вклучува бесплатна универзална грижа за деца, бесплатен јавен превоз и државни продавници за храна, ја отфрли комунистичката етикета, опишувајќи се како демократски социјалист.

Во својот говор по изборите, Мамдани потврди дека останува решен да му се спротивстави на Трамп, но и дека ќе ја задржи отворената врата за дијалог со неговата администрација.

„Нема да штедам зборови кога станува збор за претседателот Трамп. Ќе продолжам да ги опишувам неговите постапки какви што се, но секогаш ќе го правам тоа оставајќи ја вратата отворена за разговор,“ изјави Мамдани.

Мамдани ќе ја преземе функцијата на 1 јануари.

Exit mobile version