Трамп очекува наскоро добри вести за мир во Украина: „Мислам дека разговорите се одвиваат добро“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите за решавање на конфликтот во Украина „можеби се одвиваат добро“.
Трамп ова го изјави синоќа пред новинарите во претседателскиот авион, пренесе Ројтерс.
„Мислам дека сè оди добро меѓу Украина и Русија. Ќе видиме што ќе се случи, но мислам дека работите се одвиваат добро“, изјави тој.
Американскиот лидер додаде дека вести за ова прашање се очекуваат „доста наскоро“.
Трамп синоќа ги продолжи санкциите против Русија за уште една година.
Американскиот државен секретар Марко Рубио на почетокот на април изјави дека американскиот Конгрес веќе почнал да работи на нацрт-законот за санкции против Русија што ќе бидат воведени доколку Москва одлучи да ја продолжи војната против Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Стивен Виткоф во петокот во Санкт Петербург разговараа за условите за постигнување мир во Украина, соопшти Кремљ.
Во соопштението се наведува дека средбата меѓу Путин и Виткоф во зградата на Претседателската библиотека во Санкт Петербург траела околу 4,5 часа, пренесе РИА Новости.
Белата куќа објави дека посетата на Виткоф на Русија е уште еден чекор кон прекин на огнот во Украина што треба да доведе до мировен договор.
Во исто време, Ројтерс објави, цитирајќи американски официјални претставници, дека Виткоф му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп по состанокот со генералниот директор на рускиот фонд за директни инвестиции (РФИФ) Кирил Дмитриев минатата недела дека најбрзиот начин за прекин на огнот во Украина ќе биде признавање на руската контрола врз четири нови региони.
Официјалните претставници изјавија дека специјалниот пратеник на американскиот претседател Кит Келог на средбата се изјаснил против тезата на Виткоф.
Келог посочи дека Украина нема да се откаже од своите претензии за територии над кои Русија ја презеде контролата, рекоа американски официјални претставници, истакнувајќи дека состанокот заврши без Трамп да донесе одлука за промена на американската стратегија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа