Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека следната недела ќе се одржат две паралелни средби меѓу претставници на САД, Украина и Русија, за финализирање на последните спорни точки од американскиот мировен план за Украина.
„Остануваат само неколку точки на несогласување“, напиша Трамп на Truth Social, додавајќи дека му наложил на специјалниот претставник Стив Виткоф да се сретне со Владимир Путин во Москва, додека секретарот на армијата Ден Дрискол ќе води разговори со украинската страна. Кремљ потврди дека Виткоф ќе пристигне следната недела.
Трамп, кој очекува да биде „информиран за каков било напредок“ заедно со потпретседателот Џ. Д. Венс и водечките членови на администрацијата, најави дека ќе се сретне со Зеленски и Путин „САМО кога договорот ќе биде КОНЕЧЕН или во завршна фаза“.
Во меѓувреме, и Киев и Вашингтон потврдија дека постигнале договор за „клучните услови“ на мировниот план, по доработките направени изминатите денови. Украинскиот претставник Рустем Умеров изјави дека двете делегации имаат „заеднички договор за клучните услови“ и дека се очекува посетата на Зеленски во САД за финализација на договорот.
Паралелно со тоа, американски и руски претставници водат разговори во Абу Даби, додека европските сојузници бараат дополнителни гаранции и сопствено учество во идната безбедносна архитектура. Според медиумите, најконтроверзните прашања – како идните граници и бројот на украински војници – засега се оставени за подоцнежна фаза.
Британскиот премиер Кир Стармер оцени дека е видлив „напредок“, но предупреди дека „сè уште има голем број точки што треба да се решат“. Кремљ, пак, соопшти дека оригиналната верзија на планот од 28 точки можела да биде основа за разговорите, но дека е „значително изменета“.

