Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја истакна стратешката улога на Гренланд, нагласувајќи дека САД мора да ја задржат контролата врз територијата заради националната безбедност и ефективноста на НАТО.

Во објава на својата социјална мрежа „Тру Соушал“, Трамп истакна:

„На САД им е потребен Гренланд од причини поврзани со националната безбедност. Тој е од клучно значење за „Златната купола“ што ја градиме, а НАТО треба да преземе водечка улога во тој процес“.

Претседателот потенцираше дека Вашингтон нема да дозволи други сили да ја преземат иницијативата:

„Ако ние не го сториме тоа, Русија или Кина ќе го сторат тоа, а тоа нема да се случи“.

Трамп, исто така, ја нагласи воената димензија на стратегијата, посочувајќи дека без огромната моќ на САД, која, како што наведува, ја издигнал на високо ниво за време на својот прв мандат, НАТО не би можел да биде ефективна сила за одвраќање на заканите.

„Тие го знаат тоа, но и јас го знам тоа. НАТО станува многу посилен и поефикасен со Гренланд во рацете на САД. Сè што е помалку од тоа е неприфатливо“, заклучи Трамп, потпишувајќи ја пораката како „претседател DJT“.

Гренланд, кој е автономна територија во составот на Данска, последните месеци се најде во фокусот на вниманието на американската администрација поради своето стратешко значење за Арктикот и безбедноста на САД. Објавата доаѓа неколку часа пред планираниот состанок на американски официјални лица со министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд, каде ќе се разговара за иднината на островот.

Exit mobile version