Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го стопирал планираниот втор бран воени напади врз Венецуела, оценувајќи дека властите во Каракас покажале подготвеност за соработка. „Ова е многу важен и паметен гест“, напиша Трамп на „Трут соушл“, поздравувајќи го ослободувањето на политичките затвореници како знак за „потрага по мир“.

Клучниот момент за деескалацијата е економскиот договор. Според Трамп, „големите нафтени“ компании се подготвени да вложат најмалку 100 милијарди долари за обнова и модернизација на нафтената и гасна инфраструктура на Венецуела. И покрај откажувањето на нападите, Трамп нагласи дека американските воени бродови остануваат позиционирани поради безбедносни причини.

На политички план, Трамп истакна дека добро се согласува со привремената претседателка Делси Родригез, а за следната недела најави посета на опозиционерката Марија Корина Мачадо на Вашингтон, иако претходно ја критикуваше дека нема поддршка во татковината.

„Ова е многу важен и паметен гест. САД и Венецуела добро соработуваат, посебно кога станува збор за обнова, во многу поголем, подобар и помодерен облик, на нивната нафтена и гасна инфраструктура. Поради оваа соработка, го откажав претходно очекуваниот втор бран напади, што изгледа нема да е потребен, но сите бродови ќе останат на место поради безбедност“, објави Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social).

И покрај економското затоплување, политичката ситуација останува комплексна. Трамп во интервју за „Фокс њуз“ најави дека венецуелската опозиционерка Марија Корина Мачадо следната недела ќе го посети Вашингтон. Сепак, тој не го криеше својот скептицизам кон неа, давајќи предност на соработката со актуелната власт:

„Таа нема поддршка во земјата или почитување во земјата“, изјави Трамп за Мачадо, додавајќи дека, спротивно на тоа, „многу добро се согласува“ со Владата предводена од привремената претседателка Делси Родригез.

Додека дипломатијата зборува за инвестиции, американската морнарица на терен строго го спроведува ембаргото. Денеска во Карипското Море, во близина на Тринидад, запленет е танкерот „Олина“, што е петта ваква акција за неколку недели.

Танкерот, кој пловел под лажно знаме на Источен Тимор, претходно испловил од Венецуела и бил пресретнат при враќањето. Ова е дел од стратегијата на САД по падот на Николас Мадуро – да не се дозволи влез или излез на санкционирани бродови од територијалните води на земјите-членки на ОПЕК.

Exit mobile version