Американското воено присуство на Блискиот Исток достигна критична точка. Со последното испраќање на дополнителни 2.500 маринци и 2.500 морнари, вкупниот број на американски трупи во регионот надмина 50.000 – бројка која е за 10.000 поголема од вообичаеното.
Според „Њујорк тајмс“, ова масивно засилување е јасен сигнал дека претседателот Доналд Трамп подготвува следна фаза во едномесечната војна, која вклучува и копнени офанзиви.
„Претседателот ја разгледува можноста за заземање на островот Харг или друга клучна територија со цел насилно отворање на Ормутскиот теснец, кој е блокиран поради иранските одмазднички напади“, пренесуваат американските медиуми.
Овој потег е од витално значење за светската економија, бидејќи низ овој теснец поминува 20 отсто од светската нафта, чиј проток во моментов е речиси целосно во прекин.

