Американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со неговите синови Доналд помладиот и Ерик, поднесоа масовна тужба против Министерството за финансии и Даночната управа (ИРС). Трамп бара отштета од 10 милијарди долари поради објавувањето на неговите даночни пријави во медиумите во текот на 2019 и 2020 година.
Во тужбата поднесена во федералниот суд во Мајами, се тврди дека државните агенции не презеле соодветни мерки за да го спречат протекувањето на информациите до, како што се наведува, „левичарски медиуми“. Како главен виновник е посочен поранешниот вработен во ИРС, Чарлс Литлџон.
Тужителите истакнуваат дека објавените податоци во „Њујорк Тајмс“ нанеле трајни последици врз нивната работа.
„Претрпена е значителна и непоправлива штета на нивниот углед и финансиски интереси. Можеме да бараме казнена отштета бидејќи истекувањето на информации било намерно или резултат на груба небрежност“, се наведува во тужбеното барање.
Овој случај се смета за преседан, бидејќи Трамп се наоѓа во необична позиција да ги тужи токму владините агенции со кои тој раководи како шеф на извршната власт.

