Американскиот претседател Доналд Трамп повторно застана во одбрана на изградбата на дата центри во САД, и покрај растечкото противење на ваквите проекти во дел од американските заедници.

Во објава на „Трут соушл“, Трамп порача дека дата центрите можат да донесат поголемо богатство, повеќе работни места и пониски даноци.

„Единствената причина зошто заедниците низ САД не треба да сакаат дата центри е затоа што сакаат да завршат заостанати и сиромашни. Ако сакаат да бидат успешни и богати, со многу пониски даноци и работни места насекаде, нека има дата центри“, напиша Трамп.

Тој оцени и дека противењето на дата центрите оди во прилог на Кина, во услови кога САД и Кина се натпреваруваат за водство во развојот на вештачката интелигенција.

Темата за изградбата на дата центри станува сè позначајна и пред ноемвриските среднорочни избори во САД. Дел од републиканските и демократските политичари предупредуваат на можните последици од овие проекти врз електричните мрежи, водоснабдувањето и нивото на бучава.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, овој месец воведе нови регулативи за дата центрите, додека и неколку други републикански кандидати побараа привремено запирање на дел од проектите.

Трамп, пак, останува на ставот дека дата центрите се клучни за економскиот развој и за одржување на американската предност во трката за вештачка интелигенција. Минатата година тој потпиша извршна наредба со која се бара забрзување на издавањето дозволи и изградбата на вакви центри.

Exit mobile version