Рускиот претседател Владимир Путин стравува дека завршувањето на војната во Украина без остварување на барем минималните руски цели би можело да ја загрози и неговата лична безбедност, објави „Економист“, повикувајќи се на извори блиски до Кремљ.
Според еден од изворите, Путин во одреден момент од војната на своите блиски соработници им рекол: „Ќе ме обесат“. Британскиот неделник не наведува кога била дадена изјавата, ниту во каков контекст.
„Економист“ пишува дека Путин, според проценките на луѓе блиски до Кремљ, го смета заземањето на целиот Донбас за минимална цел со која би можел да го оправда исходот од војната.
Весникот наведува и дека незадоволството од војната меѓу руското население расте, додека расположението во делови од руската елита е уште понегативно. Еден од изворите оценува дека проблемот не е само во економијата или во недостатокот на воени успеси, туку и во изгубеното време, бидејќи речиси пет години војна сè повеќе се доживуваат како неуспех.
Според анализата, Кремљ би можел да одговори со дополнителна ескалација на војната. Како можни сценарија се наведуваат засилување на нападите врз Украина, како и интензивирање на хибридните активности и саботажи против земјите кои го поддржуваат Киев.
Руското Министерство за одбрана веќе најави подготовки за масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура, тврдејќи дека станува збор за одговор на украинските напади врз руска територија.
Од Кремљ засега нема јавна потврда за изјавата што „Економист“ му ја припишува на Путин.


