Најмалку две лица го загубија животот во снежна лавина што денеска го погоди планинскиот масив Високи Татри во северна Словачка. Несреќата се случила околу 11:00 часот во долината Зломишкова, лоцирана во подножјето на врвот Тупа.
Полициската управа на регионот Прешов потврди дека жртвите се странски државјани, но нивниот идентитет засега се чува во тајност додека трае истрагата.
„Полицијата интензивно работи на разјаснување на околностите на несреќата. Поради специфичната ситуација на теренот, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали“, соопштија словачките власти преку агенцијата TASR.
Спасувачките екипи остануваат на терен, а истражните органи работат на утврдување на причините кои довеле до активирање на снежната маса.

