Тешка сообраќајна несреќа ја потресе западната област на Непал, каде во пад на автобус од планински пат живот го загубија најмалку 13 лица. Според првичните информации од локалната полиција, во несреќата се повредени уште 34 патници.
Трагедијата се случила синоќа во близина на селото Будгаун, на околу 500 километри од главниот град Катманду. Автобусот, кој превезувал сватови од прослава, излетал од коловозот и се тркалал околу 200 метри низ стрмна падина.
„Повредените се итно пренесени во болници, додека телата на загинатите се извлечени од целосно уништениот автобус“, информираат од полицијата во округот Баитади.
Спасувачките екипи со часови работеле во екстремно тешки услови за да ги извадат настраданите од олупината. Младоженецот и невестата не се повредени во несреќата, бидејќи патувале во друго возило. Полицијата веќе отвори истрага за да ги утврди причините за оваа голема трагедија.

