Центарот на Солун синоќа беше сцена на жестоки судири меѓу полицијата и група маскирани лица, кои започнале напад пред Политехничкиот факултет на Универзитетот „Аристотел“. Билансот од повеќечасовните немири е еден повреден полицаец со изгореници, хоспитализирана девојка и над 300 приведени лица.
Инцидентите започнале околу 2 часот по полноќ, кога група лица излегле од факултетот и почнале да фрлаат молотови коктели кон единицата за разбивање немири. При нападот, еден полицаец се здобил со изгореници на главата и вратот, а оштетени се и повеќе паркирани возила во околината.
Полицијата одговорила со употреба на зашеметувачки гранати, солзавец и водени топови. Поради интервенцијата, главниот булевар „Егнатија“ беше затворен за сообраќај цели шест часа, што предизвика целосна парализа на градот до раните утрински часови. Меѓу повредените е и 21-годишна жена, која поради вдишување на солзавец завршила во болница со респираторни проблеми.

