Во кругот на Министерството за внатрешни работи денеска се одржа централната свеченост по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која се обратија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека македонската полиција останува клучен столб на безбедноста, стабилноста и владеењето на правото, нагласувајќи дека институциите имаат капацитет одлучно да се справат со криминалот и корупцијата.
„Минатата година ја завршивме со намалување на вкупниот криминалитет за повеќе од шест проценти. Сузбиени се 16 организирани криминални групи во кои дејствувале 205 лица. Во делот на борбата против корупцијата беа реализирани повеќе значајни постапки, вклучително и случаи од висок профил, а сузбиени се и четири криминални групи. Особено е значајно што вкупниот криминалитет бележи намалување и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста изнесува 67,2%, што исто така претставува највисоко ниво во истиот период.“, истакна министерот Тошковски.
Тој посочи дека паралелно со безбедносните активности, Министерството интензивно работи и на модернизација на институцијата и унапредување на услугите кон граѓаните.
„Реновирани се управните служби во Скопје, а отворени се и осум нови управни служби низ државата, со што значително се подобрува достапноста на услугите. По повеќе од 15 години набавени се 120 нови современи службени возила, технолошки опремени и поврзани со дигиталните системи на Министерството, што овозможува побрзо и поефикасно постапување на терен“, нагласи Тошковски.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев во своето обраќање истакна дека полицијата останува гарант на безбедноста и довербата на граѓаните, потенцирајќи дека професионалноста и интегритетот се основните вредности врз кои се гради силна институција.
„Водиме одлучна, системска и бескомпромисна борба против криминалните групи – во сите области. Системски дејствуваме врз нивните структури, нивните врски, нивната логистика и нивниот капитал. Пораката е недвосмислена – никој не е над законот, без селективност, без привилегии и без компромис“, истакна директорот Јанев.
Во рамки на свеченоста беше истакнато дека Министерството за внатрешни работи продолжува со реформите, модернизацијата и јакнењето на институционалните капацитети, со цел изградба на модерна, професионална и ефикасна европска полиција, која ќе биде вистински сервис на граѓаните и гарант на безбедноста и правниот поредок.
Пред почетокот на централната прослава, делегации на Министерството за внатрешни работи положија свежо цвеќе на спомен-обележјата на полициските службеници кои го загубиле својот живот извршувајќи ги своите професионални задачи, штитејќи ја безбедноста и сигурноста на граѓаните и интегритетот на татковината. Со длабока почит беше оддадена почит на нивната жртва и трајниот придонес кон државата и македонската полиција.
Одбележувањето на Денот на македонската полиција продолжува и попладнево од 17:30 часот во Градскиот парк, каде граѓаните ќе имаат можност да проследат изложба на опрема и средства на различни полициски единици, да се дружат со полициските службеници, како и да присуствуваат на музички хепенинг на „Школка“ со настап на познати естрадни уметници.
- Тошковски за денот на македонската полиција: Модернизација, реформи и бескомпромисна борба против криминалот, градиме модерна и професионална европска полиција
- Сали од Тетово: Знаењето и иновациите се клучни двигатели за европската интеграција на државата
- УХМР со најнова прогноза: Нестабилно за претстојниот викенд, од понеделник температури до 32 степени
- Акција во Гостивар: Пронајдена дрога и десетици илјади денари, приведени две лица
- Ѓорѓиевски: Скопје работи на мерки за младите да останат дома, демографските предизвици се наша секојдневна реалност
- Кузеска: Власта свесно создава страв за ЕУ за да го дефокусира вниманието од празните џебови на граѓаните
- Мицкоски до младите: Дома треба да сонуваме и да ја градиме иднината, не во туѓи економии
- Мицкоски: Новата стратегија за демографска отпорност е национална рамка за иднината на државата

