Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење и останува да се користи исклучиво како техничка.

Ова попладнево го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по одржаниот состанок на Главниот штаб за кризи со кој тој раководи.

Како што информираше Тошковски, на состанокот бил договорен протоколот за следните испитувања, кои ќе се вршат со зголемена зачестеност.

За таа цел, повеќе надлежни институции ќе го зголемат континуитетот на мерењата на квалитетот на водата.

„Штом ќе имаме три последователни резултати на исправна вода за пиење на сите мерни точки во градот, тогаш на гостиварци ќе им соопштиме дека водата е и за пиење освен како техничка вода како што се употребува до сега“, рече Тошковски.

Министерот посочи дека испораката на флаширана вода за пиење за жителите на Гостивар ќе продолжи и во следниот период.

Според неговите податоци, изминатите денови веќе се доставени околу 580.000 литри вода, обезбедени од страна на Владата, општествено одговорни компании и други општини.

Exit mobile version