Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска нагласи дека системот „Безбеден град“ (Safe City) ќе функционира исклучиво на принцип на неселективност. Тој ја отфрли можноста за привилегии, изјавувајќи дека ниту еден функционер, вработен во институциите или возач на службено возило нема да биде изземен од санкции за сообраќаен прекршок.

„Сејф сити единствено може да даде соодветен одговор ако прави до крај неселективност. Никој нема да биде исклучен,“ рече Тошковски.

Тој потврди дека правилата ќе важат за сите, освен за јасно пропишани ситуации, како што се возила на Брза помош или МВР кои работат во оперативна процедура.

Министерот посочи дека веќе биле казнети шофери на министри за направени сообраќајни прекршоци.

„Биле казнети луѓе кои возеле министри, а внатре биле министри. Не сакам да ги специфирам, но најмалку три за кои јас знам,“ додаде тој.

Тошковски нагласи дека и тој самиот, кога не е во рамките на утврдена процедура за највисоките државни функционери, ќе биде казнет ако направи прекршок.

Министерот информираше дека МВР работи на ревидирање на постоечките патишта каде ќе бидат поставени безбедносните камери. Тој го оцени пробниот период, кој трае околу еден месец, како „критично важен“ за граѓаните да се запознаат со концептот, нагласувајќи ја потребата од намалување на бројот на жртви во сообраќајот.

Exit mobile version