Скопје денеска е домаќин на значајна меѓународна конференција посветена на институционалните и клиничките аспекти, како и на решенијата кои произлегоа по катастрофалниот пожар во Кочани. Настанот обедини високи државни претставници, меѓународни експерти и водечки медицински професионалци од земјава, регионот и од Европа, со цел да се направи детален пресек на кризниот одговор и да се утврдат идните системски чекори.
Конференцијата беше отворена со емотивно обраќање на премиерот Христијан Мицкоски, кој враќајќи се на кобниот 16 март 2025 година, истакна дека тоа не бил само неговиот најтежок ден во политичката кариера, туку неговиот најтежок ден воопшто во животот. Покрај премиерот, на отворањето се обрати министерот за здравство Азир Алиу, а најавено е и обраќање на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, по што предвиден е краток комеморативен момент во чест на жртвите од трагедијата.

Работната агенда на конференцијата е поделена во четири клучни сегменти. Фокусот првично е ставен на Европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор, каде министрите Панче Тошковски и Владо Мисајловски, заедно со директорот на СОЗР Ивица Томовски и претставници од европските институции, дебатираат за координацијата меѓу државите во тие критични моменти.
Во медицинскиот дел од конференцијата, врвни домашни експерти, поддржани од нивни колеги од Србија, Бугарија и Грција, ги анализираат акутниот третман на изгореници, тријажата и ургентните постапки. Посебно внимание се посветува и на долготрајниот процес на рехабилитација и мултидисциплинарниот пристап во закрепнувањето на пациентите. Своето искуство го споделуваат директори на клучните клиники, хирурзи, анестезиолози и психијатри кои беа на првата линија во спасувањето животи.
Настанот не го заобиколува ниту гласот на самите преживеани, чии видео пораки се вовед во дискусијата за улогата на заедницата и институционалното учење, на која учествуваат градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, претставници на Црвениот крст и Европската асоцијација за изгореници. Конференцијата ќе биде заокружена со презентација на министерот Алиу за предложените национални решенија, доделување благодарници на здравствените установи кои несебично помагаа и официјално завршно обраќање на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.