Најмалку 40 луѓе се удавија во Франција во изминатите неколку дена додека се обидуваа да се разладат од рекордните горештини кои се шират низ голем дел од Европа.
Оваа црна статистика ја соопшти францускиот премиер Себастиен Лекорну пред итниот состанок свикан токму поради екстремниот топлотен бран.
„Ова е тажен момент кога станува збор за давењата, бидејќи најновите податоци што ни беа пријавени покажуваат 40 смртни случаи од 18 јуни, повеќето од нив млади луѓе“, изјави Лекорну.
Низ цела Франција граѓаните масовно скокаат во канали и реки за да најдат привремено разладување, што ги натера властите сериозно да апелираат на внимание.
Француската министерка за спорт, Марина Ферари, изјави дека го разбира нагонот за бегство од горештините, но предупреди да не се плива во неовластени или опасни области.
Дека состојбата со температурите е алармантна потврдуваат и прогнозите на Метео Франс. Голем дел од земјата е под сериозно предупредување, со очекувани температури околу 40 степени Целзиусови, додека на западот живата во термометарот ќе достигне и до 43 степени.
Покрај давењата, екстремните горештини веќе земаат жртви и на други начини. Службите за итна помош вчера не успеаја да спасат две деца на возраст од 2 и 4 години, кои мајката ги пронашла во несвест во семејниот автомобил пред нивниот дом во Карпентрас.
Дополнително, три постари лица починаа во одделни инциденти во регионот на Бордо за време на викендот, како директна последица на здравствени проблеми предизвикани од жештините.
Слична е состојбата и во Велика Британија, Италија и Шпанија. Екстремните температури во овие региони веќе предизвикаа прекини во наставата во училиштата и сериозни нарушувања во транспортните мрежи.
Според податоците на Светската метеоролошка организација, Европа се загрева повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек, поради што ваквите долги топлотни бранови стануваат сè почести на континентот.


