Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи, беше гостин во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, и се осврна на некои работи со кои во моментов се занимава СОЗР, како легализација на имот на државата, реновирање на Клубот на пратеници, реновирање на вилите во сопственост на државата. Томовски вели дека направена е целосна реорганизација во институцијата, уште на самиот почеток, вработени се поголем број на луѓе, затоа што истата претходно работела под минимумот, и како што вели, вработените се задоволни.

„Заедно со истите тие вработени ние успеавме да го легализираме имотот на државата. Затекнавме имот којшто немаше никаков имотен лист, односно беше дивоградба. Вилите Водно 1 Водно 2, претседателската и премиерската вила, веќе имаат имотен лист, и се во сопственост на државата со трајно користење на СОЗР, за да можеме да ги сервисираме понатака“, истакна Томовски.

Тој напомена дека следната недела на владина седница, е планирана и легализација на охридските вили кои исто така се дивоградба и се запоставени од таа причина.

„Нема никаква реконструкција, реновирање или суштинска измена на истите, односно се оставени на забот на времето. Со помош на овие внатрешни вработени кои што денеска се задоволни, и со наша иницијатива и напор правиме исчекор“, посочи Томовски.

Томовски ја спомена владината програма 1А, и кажа дека вилата Свети Стефан е планирано да се реновира целосно.

„Во програмата 1А, која што е владина програма имаме предвидено за една од тие вили кои што се наоѓаат во Свети Стефан да ја реновираме целосно, а после тоа ќе носиме одлуки дали ќе ја реиздадеме, дали ќе ја користиме како државна вила. Ќе заклучиме заедно што е поисплатливо за државата“, вели Томовски.

Тој истакна дека реновиран е и Клубот на органи на државната управа или Клуб на пратеници, при што истакна дека истиот се почесто се користи, а средствата од институциите не се излеваат во сали и хотели, туку, како што вели, гравитираат во рамките на државата и е поекономично.

„Ние направивме едно реновирање на Клубот на пратеници, сериозно реновирање, бидејќи не беше реновиран подолг временски период. Во историја до сега, немало толку настани организирано и се почесто институциите го користат“, рече Томовски.

Exit mobile version