Бројот на услуги што ги нудат Центрите за услуги низ државата бележи значителен раст, а во план е дополнително ширење на мрежата и воведување нови дигитални решенија. Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

Според податоците на министерот, ако во првите пет години од отворањето на центрите во Скопје, Куманово, Тетово, Охрид и Битола се нуделе помалку од 3.000 услуги годишно, веќе во 2024 година тој број пораснал на 5.700. Рекорден скок е забележан во 2025 година, кога бројот на реализирани услуги достигнал 11.593.

За овој раст придонело отворањето на осум нови центри во општините Аеродром, Јегуновце, Штип, Кавадарци, Виница, Свети Николе, Неготино и Делчево. Министерот Андоновски најави дека процесот продолжува со нови центри во Прилеп, Ресен, Крушево, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Кратово.

Од минатата недела, граѓаните во овие центри можат на едно место да ги подигнат следните документи:

  • Изводи од матичните книги (родени, венчани, умрени);
  • Уверенија за државјанство и потврди за слободна брачна состојба;
  • Потврди од Агенцијата за вработување (АВРМ);
  • Потврди од ФЗО, ПИОМ и од Катастарот.

Како следен чекор во модернизацијата, Андоновски го најави поставувањето на е-Киоск терминали. Овие уреди ќе бидат поставени на фреквентни локации и ќе бидат достапни 24 часа.

„Преку е-Киоск, граѓаните ќе можат да се идентификуваат со лична карта или пасош, да ја изберат потребната услуга, да извршат плаќање и веднаш да го добијат документот. Процесот е дизајниран со јасни визуелни инструкции, со цел да биде прилагоден и за лица со пониско ниво на дигитални вештини“, објасни Андоновски.

Овие терминали се сметаат за клучен чекор во дигиталната инклузија, особено за граѓаните во руралните средини и повозрасните лица кои немаат постојан пристап до интернет или компјутерска опрема.

Exit mobile version