Министерството за спорт и годинава традиционално ги додели стипендиите „Спортска надеж“ на 500 талентирани млади спортисти, македонски репрезентативци.

-Еден од приоритетите на Министерство за спорт со поддршка од Владата, е да создадеме систем што ќе ги препознава и ќе ги поддржува младите таленти – истакна министерот за спорт Борко Ристовски на свеченото доделување на стипендиите што се одржа вечерва во Македонската опера и балет, во склоп на манифестацијата „Спортист на годината 2025“.

Тој посочи дека „вложувањето во младите спортисти е најсигурната инвестиција што една држава може да ја направи – инвестиција во здрави генерации, во национална гордост и во меѓународни спортски успеси.

Како министер за спорт, но и како поранешен македонски репрезентативец, Ристовски упати порака до стипендистите и до сите млади спортисти да бидат истрајни на својот спортски пат и да го следат примерот на своите претходници, во што, вели, секогаш ќе имаат поддршка од државата.

-Ја исправивме долгогодишната неправда со измени во законот и доделување на национално признание на сите оние спортисти кои што во изминативе 20 години ја претставуваа државата во Европа и во светот. И токму тие што се вечерва присутни со нас, токму тие треба да бидат пример за тоа како се бори, како се игра и како се преставува својата татковина Македонија. Токму тие треба да бидат пример на овие 500 млади спортисти – стипендисти на Министерството за спорт– порача Ристовски.

Финансиска поддршка од државата преку проектот „Спортска надеж“, добиваат спортисти на возраст до 20 години кои се македонски репрезентативци, членови на националните селекции до оваа возрасна категорија во сите спортови.

Exit mobile version