Томан: Преговорите со Северна Македонија да почнат што е можно побрзо, ги поддржуваме сите вклучени во разговорите за изнаоѓање решение

Амбасадорот на Чешка во земјава Мирослав Томан, изјави денеска дека преговорите со Северна Македонија и со Албанија треба да почнат што е можно побрзо. Тој, одговарајќи на прашањето дали можеме да очекуваме решение со Бугарија до крајот на годинава, имајќи ги предвид и посетите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој во текот на една седмица ги посети и Скопје и Софија, рече дека овие посети се уште еден доказ за огромните напори на политичарите од ЕУ, како и на двете влади, под претседателството на Словенија, за да се дојде до решение за почеток на преговори со Скопје и Тирана.

– Одлуката за почеток на преговори веќе е донесена од страна на Советот на ЕУ, и сега треба да дојдеме до решение за усвојување на Преговарачката рамка, и ова е само прашање на време. Ова е ставот на Чешка по ова прашање, и се надевам дека ова е позицијата на целата ЕУ оти Северна Македонија и Албанија треба да ги отпочнат преговорите што е можно побрзо. Правиме се за да се дојде до решение за почеток на преговори. Се надевам дека ова ќе вроди со успех и дека ќе видиме резултати пред крајот на годинава, оцени чешкиот амбасадор.

Тој потсети дека Чешката Република целосно ја поддржува Северна Македонија од самиот почеток на процесот на пристапување во Европската Унија.

– Сметам дека сите овие посети на европски претставници, се уште една потврда дека Северна Македонија има силна поддршка од европските држави и прашањето не е дали, туку кога ќе се случи тоа. И сите се надеваме дека тоа ќе се случи што е можно поскоро. Исто така, треба да бидеме реалистични, знаеме дека во Бугарија има техничка влада и тоа го отежнува изнаоѓањето решение, но ние не се предаваме, рече Томан.

Амбасадорот посочи дека даваат силна поддршка на сите оние кои се вклучени во разговорите за изнаоѓање решение меѓу Скопје и Софија.

– Нашата позиција е преговорите да започнат што е можно побрзо, со надеж пред крајот на годинава. Нашите колеги од Словенија работат напорно, претходното преседателство со ЕУ исто така ги вложи сите напори за ова прашање и треба да постигнеме договор за ова прашање, посочи чешкиот амбасадор Томан. 

Претседателката на ЕК Фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување Вархеји оваа седмица го посетија Скопје. Фон дер Лајен изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава. Вархеји, пак, вчера на Твитер напиша дека со премиерот Зоран Заев разговарале како да го придвижат напред процесот на проширување преку отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија.

30.09.2021 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега