Денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ започна со остри реакции од одбраната. Адвокатката Ивана Коцевска, која го застапува првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, побара во записник да бидат нотирани закани упатени кон неговиот живот на претходното судење.
Според одбраната, дел од оштетените бурно реагирале при барањето за укинување на притворот.
„Пуштете го ние да му пресудиме“, се зборовите кои наводно биле извикувани во судницата.
Адвокатката Коцевска реагираше и на, како што рече, „селективноста на мерките за обезбедување присуство, како и селективноста на прогон“ на Обвинителството. Таа предложи исклучување на јавноста за заштита на обвинетите.
„Изнесувам предлог за крајно неопходно исклучување на јавноста со оглед дека судот е должен да обезбеди ред и заштита на правата на обвинетите“, рече Коцевска.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска појасни дека досега закани не се нотирани и дека прво ќе се оди со опомени. Обвинителството, пак, го оцени предлогот за исклучување на јавноста како незаконит.
Судот денеска ги одби барањата за укинување на мерките за обезбедување на Беким Хаџиу и Тодор Јованов, додека двајца сведоци се прогласени за недостапни. Процесот продолжува со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.


