Премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од потпретседателот на Владата Иван Стоилковиќ и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, денеска оддаде почит на ликот и делото на Гоце Делчев по повод 123-годишнината од неговото загинување.

Мицкоски истакна дека Владата останува посветена на зачувување на идеалите на македонскиот великан за независна држава и достоинство на народот.

„Заедно со потпретседателот на Владата Димовски и министерот за надворешни работи Муцунски оддадовме од името на владата вечен помен на жртвата на великанот, македонскиот јунак Гоце Делчев, и на тој начин само сакаме да покажеме дека како Влада ќе сториме се за да неговите идеали, неговата борба за самостојна Македонија, за македонскиот народ“, изјави премиерот.

Тој нагласи дека сеќавањето на Делчев мора да се пренесува на идните генерации, но упати и критика до меѓународната заедница во однос на вредностите кои тој ги застапувал.

„Вредностите во кои што верувал нашиот великан Гоце Делчев за жал денеска некои земји членки на ЕУ сеуште не ги почитуваат. Не само што не ги почитуваат, туку и не ги спроведуваат“, додаде Мицкоски.

Според него, Делчев бил човек пред своето време кој оставил неизбришлива трага во македонскиот идентитет, а неговото одбележување треба да биде традиција за секоја идна власт.

Exit mobile version