По повод 123 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, упати порака со која оддаде почит на неговото дело и историско значење.
Ѓорѓиевски нагласи дека името на Делчев не е само дел од историјата, туку симбол на македонската борба за слобода и достоинство.
„Вечна слава и длабок поклон пред делото на великанот Гоце Делчев!
Постојат имиња кои не припаѓаат само на историјата, туку на душата на еден народ.
Такво име е Гоце Делчев, кое е симбол на слободата, на непокорот и на вечната македонска борба за достоинство.
Голема е борбата за идеалите, но уште поголемо е делото на Гоце, кое и денес стои како наш завет пред иднината.
Тој со својот живот ја плати најголемата љубов, кон татковината!
Затоа, споменот за Делчев е дел од кодот на секој вистински Македонец.
Тоа е почит што се носи во срцето, гордост што се пренесува низ генерации и аманет што не смее никогаш да згасне.
И денес, 123 години по неговата смрт, со длабока почит се поклонуваме пред неговото херојство, пред македонската историја и пред славата која вечно ќе живее.
Гоцевата борба е и наша борба.
Борба за опстанок, за достоинство, за македонската вистина и за правото на Македонија да постои исправено пред светот.
Гоце e завет.
Завет, за Македонија!“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.


