Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски од 17 до 26 септември ќе престојува во работна посета на САД. Шефот на дипломатијата во Вашингтон ќе има средби со високи американски претставници и ќе учествува на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во Вашингтон Муцунски ќе се сретне со високи претставници на Стејт департментот, при што ќе се разговара за унапредување на политичкиот дијалог, трговската соработка и унапредувањето на стратешкото партнерство. Ќе учествува и на тркалезна маса на Американско-централноевропската деловна асоцијација, а планирани се и средби со конгресмени и сенатори. По повод Денот на независноста и 30 години дипломатски односи, министерот ќе се обрати на настан со македонската дијаспора во регионот на Вашингтон.
Министерот ќе биде дел од македонската државна делегација која ќе учествува на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Темата на годинашната сесија е „Подобро заедно, 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
За време на високата недела на Генералното собрание, министерот Муцунски ќе оствари бројни билатерални средби со колеги од европски и воневропски земји, како и со претставници на А5, ПСЈИЕ, ЦЕИ, земјите од Западен Балкан и неформалната мрежа за поддршка на МКС. Тој ќе учествува и на Трансатлантската вечера во организација на државниот секретар на САД, Марко Рубио, како и на бизнис средби поврзани со надворешната трговија и странските инвестиции.
Од мултилатералната агенда на ОН, министерот ќе се обрати на неколку настани, меѓу кои: Првиот биенален самит за одржлива, инклузивна и отпорна глобална економија; тркалезна маса на тема „Европа и САД во време на глобална економска фрагментација“; и дебата на високо ниво на Советот за безбедност на ОН на тема „Вештачка интелигенција и меѓународен мир и безбедност“. Тој ќе биде домаќин и на работниот појадок со земјите членки на Јадранско-Јонската иницијатива.
Пред почетокот на официјалната програма во Њујорк, министерот ќе го посети фестивалот на храна во македонската црква „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, како и македонската црква „Св. Климент Охридски“, каде ќе се сретне со македонската дијаспора од регионот на Њујорк и Њу Џерси.