Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето против поранешниот апелационен судија Ѓоко Ристов, во предметот поврзан со пронајдените 350.000 евра скриени во ѕид.
На денешното рочиште исказ даде таткото на сопругата на Ристов, кој пред судскиот совет објаснуваше како се обезбедувале финансиите за купување стан во скопската општина Карпош.
Според неговото сведочење, за купување на станот со површина од околу 150 квадратни метри биле платени приближно 140.000 евра.
Сведокот посочи дека меѓу двете семејства постоел претходен договор за заедничко финансирање на купувањето, при што секоја страна обезбедила по 70.000 евра.
Тој пред судот изјави дека парите што ги обезбедил тој биле во банкноти од по 200 и 500 евра.
На претходното рочиште за овој случај сведочеа родителите на поранешниот судија Ристов, кои даваа објаснувања за потеклото на скриените пари во ѕидот.
Неговата мајка тогаш тврдеше дека парите биле нејзини лични заштеди и дека лично ги криела во ѕидот, во банкноти од по 50 евра, додавајќи дека за тоа никој друг не знаел.
Судската постапка за случајот продолжува во наредниот период со изведување докази и сослушување на дополнителни сведоци.


