Светската здравствена организација (СЗО) планира в недела да започне обемна кампања за вакцинација во Појасот Газа, со цел да ги заштити децата кои не биле опфатени со редовната имунизација за време на двегодишниот конфликт меѓу Израел и Хамас.
Во рамките на кампањата, околу 44.000 деца ќе бидат вакцинирани во рок од десет дена против морбили, заушки, рубеола и полио, а следните дози се закажани за јануари.
По повторната појава на полио вирусот во Газа, СЗО веќе спроведе кампањи за вакцинација за време на прекините на огнот во летото 2024 и февруари 2025 година, но дел од децата не можеле да бидат опфатени и покрај мобилните тимови.
Според проценките на СЗО, околу 20 проценти од децата под пет години никогаш или недоволно биле вакцинирани поради војната.
Истовремено со кампањата за имунизација, УНИЦЕФ ќе спроведе проценка на нивото на неисхранетост кај децата, за да се обезбеди побрза и поефикасна хуманитарна помош.
Пред војната, општата стапка на вакцинација во Појасот Газа изнесувала 98 проценти, но сега е намалена на помалку од 70 проценти, предупредува СЗО.

