Светската здравствена организација (СЗО) донесе официјална одлука со која епидемијата на ебола во Демократска Република Конго и Уганда ја прогласи за јавно-здравствена криза од меѓународно значење. Иако надлежните уверуваат дека состојбата сè уште не ги исполнува критериумите за прогласување пандемија, ситуацијата на терен е алармантна поради карактеристиките на специфичниот сој на вирусот кој брзо се шири во неколку здравствени зони.

Најголемото жариште е лоцирано во провинцијата Итури, каде веќе се регистрирани десетици смртни случаи под сомневање за ебола.

„Епидемијата е предизвикана од сојот Bundibugyo, поредок тип на ебола за кој, за разлика од познатиот Zaire-сој, во моментов нема одобрени специфични вакцини или терапии. До 16 мај, во провинцијата Итури во ДР Конго биле пријавени осум лабораториски потврдени случаи, 246 сомнителни случаи и 80 сомнителни смртни случаи во најмалку три здравствени зони, меѓу кои Бунија, Рвампара и Монгбвалу. Во Уганда, во главниот град Кампала, се потврдени два случаи кај лица што патувале од ДР Конго, од кои еден завршил со смрт. СЗО соопшти и дека еден потврден случај е регистриран во Киншаса, кај лице што се вратило од Итури, што дополнително ја зголемува загриженоста за можно ширење надвор од првично погодените подрачја.“

Светските здравствени авторитети апелираат до државите за итна мобилизација на ресурсите, но истовремено препорачуваат да не се преземаат радикални чекори кои би ја блокирале меѓународната трговија и патувањата.

„Еболата се пренесува преку директен контакт со телесни течности на заразено лице, а болеста може да биде смртоносна. СЗО повикува на итна изолација на потврдените случаи, следење на контактите, засилена контрола во здравствените установи и координиран меѓународен одговор, но не препорачува затворање на меѓународните граници.“

Exit mobile version