Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска за време на посетата на Виница даде појаснување во врска со новиот закон за игри на среќа, нагласувајќи дека примарна цел на новата регулатива е ставање крај на хаосот и заштита на граѓаните од штетните општествени појави. Според премиерот, досегашниот систем дозволил неконтролирано ширење на објекти кои директно влијаеле врз зголемувањето на семејните и човечките несреќи.
Владата со овој закон воведува строги ограничувања за рекламирањето и изгледот на овие објекти низ македонските градови.
„Имаме чувство дека државата полека но сигурно наликуваше на Лас Вегас. Буквално на секој чекор гледавме дуќани во кои со силни светлечки реклами се рекламира овој тип на среќа, пред се, мислам на казината и коцкањето и некако како правило до нив веднаш имате канцеларија за брзи кредити, па веднаш до нив имате заложувалница. Тоа е некако еден систем, којшто мораме да го регулираме… Со овој закон се регулира оваа дејност. Повеќе нема да има таков тип на реклами коишто привлекуваат внимание. Со овој закон, свесни за последиците, можеби и за фискалниот ефект, но ние цениме дека со овој закон мора да се стави ред и дисциплина во игрите на среќа и дека не може државата да наликува на Лас Вегас.“
Премиерот остро ги отфрли обвинувањата од страна на Асоцијацијата на игри на среќа дека законот бил донесен во нетранспарентна процедура и дека ќе предизвика отпуштања или отворање на нелегален пазар во земјата.
„Не би се согласил со оваа констатација. Мислам дека законот беше донесен ултратранспаретно. Беа повикани буквално сите засегнати страни да учествуваат во неговата изработка. Нормално е дека ние не можеме да се усогласиме 100 проценти со оние што се дел од тој бизнис во моментот бидејќи тие имаат свој интерес. Ние го штитиме интересот на државата и граѓаните. Не мислам дека ќе има нелегални приредувања на игри на среќа и не мислам дека ќе се изгубат работни места. Едноставно се става дисциплина и поинаков лик, поинаква перцепција ќе имаат македонските градови.“


