Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, на денешната прес-конференција изнесе сериозни обвинувања за партиско и семејно влијание во правосудниот систем. Тој јавно ги сподели семејните врски на обвинителката Катерина Коларевиќ со претходните гарнитури на СДСМ, тврдејќи дека нејзиниот мотив во истрагата за ТЕЦ Неготино не бил откривање на вистината, туку заштита на лица блиски до опозицијата.
Милошоски посочи дека во случаи на ваков економски криминал, законска обврска е да се направи стручно вештачење, а не да се запира постапката врз основа на површни изјави.
„Денес ќе изнесеме два податоци кои упатуваат на блискоста на обвинителката Коларевиќ, со моминско презиме Маркова, со партиите СДС и ДУИ. Таткото на Коларевиќ, Павле Марков, е избран за државен правобранител од владата на СДС во 1998 г. Мајката на обвинителката Колеревиќ, Вера Маркова, во 2004 од коалицијата СДС и ДУИ е избрана за уставен судија… Обвинителката Коларевиќ, која што е блиска до СДС и ДУИ, добро знае дека во економскиот криминал, како што е случајот со ТЕЦ Неготино, штетата се утврдува со економско вештачење, а не со изјава дадена од некомпетентен или поткупен сведок или вработен во ЕСМ. Ваквото селективно постапување им дава повластена позиција на осомничените Васко Ковачевски, Адријан Муча, Асмир Јахоски и другите, а го деградира владеењето на правото.“
Од владејачката партија се повикаа на официјалните реакции од самото претпријатие ЕСМ, нагласувајќи дека запирањето на овој милионски скандал содржи сериозни индиции за политички притисок и корупција.
„И самото ЕСМ во соопштение јасно кажува дека тие коишто биле испитани во постапката, не биле ниту одговорни лица, ниту компетентни лица да проценат штета и да утврдат економски криминал со мазутот во ТЕЦ Неготино. Но, со прекинувањето на истрагата за овој 167 милионски евра скандал со силни индиции за перење на пари и тендерски криминал станува јасно дека решението на Абази и Коларевиќ не е поткрепено со правно-обвинителски аргументи, но веројатно е добро подмачкано со прескап мазут… Јавноста има право да знае, а Советот на јавни обвинители има обврска да се позанимава со професионалното или непрофесионално работење на обвинителите Абази и Коларевиќ.“


