Сведоштво за ужасот кај Лариса: Се превртевме, оган насекаде, луѓе врескаа
Најмалку 32 лица загинаа, а 85 се повредени кога возови се судрија во близина на грчкиот град Лариса синоќа пред полноќ, соопштија пожарникарите.
Во централна Грција се судрија патнички и товарен воз, а спасувачките екипи ги извлекуваа патниците од згмечените вагони.
„Евакуацијата на патниците е во тек во многу тешки услови со оглед на сериозноста на судирот на возот“, изјави портпаролот на противпожарната служба Василис Вартакјанис.
Регионалниот гувернер на Тесалија Константинос Агорастос за ТВ СКАИ изјави дека првите четири вагони од патничкиот воз излетале од шините во судирот, додека првите два вагони, кои се запалиле, биле „речиси целосно уништени“.
„Слушнавме голема експлозија“, изјави патникот Стергиос Миненис, пренесе Ројтерс.
„Имаше десет секунди ужас. Се превртувавме во вагонот додека не паднавме на страна и метежот престана. Потоа настана паника. Оган лево и десно, насекаде… Десет-петнаесет секунди владееше хаос. Превртување, пожари, закачени кабли, скршени прозорци, луѓе што врескаат, луѓе заробени“, рече тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа