Сведочи Кешишев: Претпоставував дека има пиштол во ранецот но ми рекоа да не пипам

 

Влатко Кешишев денеска сведочи во Кривичниот Суд во Скопје за убиствата на Вања и Панче. Судијата Ивица Стефановски го испрашуваше четвртообвинетиот за убиствата кои ја потресоа Македонија.

Кешишев раскажа дека ден пред убиството на велешанецот Панче бил кај Велибор Манев.

 – Според снимките, дали вие дојдовте приквечер со „кангуто“ кај Велибор во Велес? – праша судијата.

– Да – рече Кешишев.

– Каде престојувавте? – запраша судијата.

– Во гаражата на Велибор – одговори Кешишев.

– Кој беше таму кога стигнавте? – праша судијата.

– Вељо и Боре – одговори Кешишев.

– По извесно време, отидовте заедно со Велибор да купите бензин? – рече судијата.

– Да – возврати Кешишев.

– Додека седевте во гаражата, пред да излезете да купите бензин, за што разговаравте? – праша судијата.

– Се договараа како да пријдат до куќата и до Панче – одговори Кешишев.

– Откако се вративте, дали отидовте во домот на Панче? – праша судијата.

– Тие отидоа, мене ми рекоа да чекам на главниот пат. Се задржаа 30 до 40 минути – објасни Кешишев.

– Потоа се вративте во домот на Велибор? – рече судијата.

– Не. Веднаш со „кангуто“ со Палчо отидовме во Скопје – одговори Кешишев.

– Боре што направи? Дали дојде со вас? – запраша судијата.

– Не. Не знам што направил, веројатно си отишол дома. Тој е од Велес. Јас и Палчо се вративме во Скопје.

Кешишев рече дека никогаш не бил кај Панче, и дека не знае што имало во возилото зошто седел напред. Не го отварал ранецот, му рекле да не пипа, но претпоставил дека има пиштол.

– Слушнавте ли истрел? – рече судијата.

– Се слушна, но не толку силно, бидејќи бев далеку – рече Кешишев.

Што се случи потоа? – праша судијата.

– Се вратија со цитроенот, Вељо седна до мене на совозачкото седиште и ми кажуваше каде да возам. Се спуштивме на главниот автопат, ми кажуваше каде да свртам по стариот пат преку Катланово за Скопје. Стигнавме до првата населба Маџари. Велибор преку моторола се договори со Палчо каде да се паркираме. Имаше паркинг, се паркиравме, зад нас стигна Палчо во „цитроноет“ со Боре и го паркираа зад нас. Боре излезе од „цитроенот“, Палчо го избриша воланот од цитроенот со ВД 40, влезе во „кангуто“, до него седеше Вељо, а јас и Боре влеговме позади. Стигнавме до штабот, а „цитроенот“ остана на паркингот – објасни Кешишев.

Инаку, денеска треба да сведочи и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. 

На минатото рочиште обвинетиот Влатко Кешишев беше детално испрашуван од обвинетиот Љупчо Палевски, кој постави над 90 прашања. Испитувањето опфати прашања за закани, уцени, како и хронолошка усогласеност со видео-снимките презентирани од Обвинителството.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес. 

07.04.2025 - 11:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега