Во Командата на Балканските медицински наменски сили (БМНС) во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе се одржи свеченост по повод примопредавање на повеќе значајни должности и одговорности во рамки на организацијата.

На настанот ќе се изврши примопредавање на претседавањето со Управниот одбор на БМНС, примопредавање на должноста командант на БМНС, како и примопредавање на улогата „рамковна земја“.

Според информациите од Министерството за одбрана, со оваа промена Северна Македонија го презема командувањето со БМНС и функцијата „рамковна земја“, додека претседавањето со Управниот одбор го презема Словенија.

Свеченоста ќе биде искористена и за одбележување на два јубилеи – 15 години од иницијативата за формирање на БМНС и 10 години од воспоставувањето и функционирањето на Постојаната организација на БМНС со седиште во Скопје.

На настанот ќе се обратат заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, досегашниот командант на БМНС, полковник Вељко Милиќ, новопоставениот командант, полковник Драганчо Војнески, како и амбасадорката на Норвешка, Кристин Мелсом.

Exit mobile version