Во емисијата „Анализа“ на ТВ 24 гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски кој истакна дека измените на Изборниот законик се резултат на повеќемесечен процес кој започнал уште во март и се темели на три клучни столба. Тој истакна дека првиот столб на измените е имплементацијата на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, вториот е воведувањето електронско гласање за дијаспората, а третиот се однесува на финансирањето на политичките партии.
Јаревски воедно појасни дека техничката влада нема да биде укината за следниот изборен циклус, туку измената ќе важи од наредните парламентарни избори, со цел да се избегнат различни толкувања во јавноста.
„Најнапред техничката влада да не се навраќаме повторно не се укина, на следниот изборен циклус повторно ќе има техничка влада, се укинува од следните парламентарни избори чисто да нема забуни меѓу населението бидејќи тоа беше исто тема на различни толкувања, второ она што е многу важно да се укаже дека овој процес не започна сега пред недела или две, отпочнат уште од март со различен интензитет и динамика, но траеше цело време, на што се темели процесот, зошто го правевме овој Изборен законик три столба се: првото, имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, втората работа што е новитет сега со Изборниот законик е електронското гласање за дијаспората и третиот сегмент беше финансирањето на политичките политичките партии“, рече Јаревски.
Осврнувајќи се на работата на Собранието, Јаревски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ги разгледа и обработи сите поднесени амандмани, без оглед на нивниот број. Упатувајќи критики кон СДС, пратеникот Јаревски изјави дека, според него, партијата никогаш не била подготвена да работи на голем број амандмани, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која, како што рече, е подготвена да ги разгледа сите предложени измени и истовремено остава простор за дополнителен политички дијалог.
„СДС ниту на власт ниту во опозиција била спремна да одработи 10,000 амандмани, но за разлика од нив ВМРО-ДПМНЕ и нашите коалициони партнери секогаш биле. На крајот на краиштата тоа ни е работа. Ќе си седнеме и 15,000 да бидат, ќе си ги одработиме. Собранието е во постојано заседавање, ќе разговараме за секој еден поединечно, но сепак мислам дека што и да биле причините за од она што веќе стигнале како точка на заемно разбирање или на консензус дека можеби треба да се даде простор за уште една дополнителна формална или неформална средба каде што доколку станува збор за финеси веќе за коишто се разликуваат, дека би можеле да бидат надминати, но ако треба да се сработи ќе ги сработиме“, вели Јаревски и додаде:
„И овие одредби што се внатре во законикот се производ на разговорите коишто беа интензивни неколку месеци наназад. Не би сакал да бидам клише да кажам дека ради некој евтин политички ПР или некој сака да украде по некој политички поен и тоа е дел од политичкиот фолклор. Јас ќе останам фокусиран на она што ни е главна цел како држава, да прикажеме државност, да прикажеме одговорност и да најдеме заеднички јазик за еден закон да се претставиме пред право светло пред нашите западни партнери“.


