По екстремно високите температури кои достигнаа до 40 степени Целзиусови, во регионот следува нагла промена на времето, а метеоролозите најавуваат дека бранот од силно невреме набрзо ќе пристигне и во Македонија.
Вчерашниот ден беше најтопол од почетокот на годината во Србија, каде температурите во Кикинда и Чуприја го достигнаа 40-тиот степен, а во Белград беа измерени 39 степени.
Поради екстремните горештини и високиот УВ индекс, издадено е црвено временско предупредување, со препорака граѓаните да не се изложуваат на сонце повеќе од 10 минути без заштита во периодот од 10 до 16 часот. Лекарите предупредуваат на ризик од топлотен удар и апелираат на постепено влегување во вода и редовно проветрување на возилата.
Посилна облачност се очекува уште денес во средината на денот. Попладне во јужните и централните делови на Србија ќе има локални врнежи од дожд и грмотевици, кои во текот на ноќта ќе се прошират и на северот, со појава на локално невреме.
Веќе од среда поголемиот дел од регионот ќе биде покриен со бурни облаци. Иако температурите ќе паднат за неколку степени, времето ќе остане спарно со висока влажност и температури околу 35 степени, со идеални услови за појава на град и обилни поројни дождови.
Студениот фронт кој доаѓа од Алпите ќе пристигне во четврток навечер, носејќи засилен северозападен ветер и пад на температурите за дури 15 степени.
Температурата во повеќето области ќе се спушти на пријатни 25 степени, со што до крајот на неделата вредностите ќе останат под 30-тиот степен.
Метеоролозите упатуваат апел до граѓаните редовно да ги следат извештаите на надлежните државни служби и да дејствуваат во согласност со официјалните предупредувања за претстојното невреме.


