Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство и му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на В.А. (41) од Кочани, актуелен директор на Државниот инспекторат за земјоделство. Притворот е одреден по сите три законски основи: опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност да го повтори кривичното дело.
Тој се товари за кривично дело „Примање поткуп“ (чл. 357 од КЗ), откако синоќа беше фатен со 50.000 евра скриени под совозачкото седиште во неговиот автомобил.
Според деталите од истрагата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција (ГОКК) и МВР, кривичните дејствија се одвивале во периодот од 5 до 19 март. Осомничениот директор вршел директен притисок врз службени лица да не одобрат увоз на стока на одредено правно лице, иако истата стока многупати претходно била легално увезувана.
Како оправдување пред шпедитерот, В.А. тврдел дека стоката не е во согласност со законските прописи, поради што таа со денови стоела блокирана на граничен премин. Откако оштетениот сопственик на фирмата побарал образложение за забраната, директорот преминал на планот за изнуда – барал поткуп за да „изврши службено дејствие што би морало да го изврши“.
Откако на 13 март стоката сепак влегла во државата преку друг граничен премин, осомничениот остварил средба со шпедитерот и увозникот. Тогаш директно побарал 100.000 евра за веќе одобрениот увоз, но и за сите идни увози. Било договорено парите да се исплатат на три рати: првата од 50.000 евра, а потоа уште две по 25.000 евра.
Вчеравечер (19 март), оштетениот ги предал првите 50.000 евра на шпедитерот, кој како посредник се сретнал со директорот. Откако В.А. ги презел парите, полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал го пресретнале. При претресот на возилото, банкнотите биле пронајдени, а директорот веднаш е лишен од слобода.

