Со сослушување на сведоци предложени од Јавното обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ ќе продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За денеска, Обвинителството предложи тројца сведоци – Драги Илиевски, Дејан Рашков и Виолета Георгиевска, сите од општина Кочани.
Одбраната на обвинетите ќе треба да се изјасни дали го прифаќа повлекувањето на дел од сведоците предложени од Обвинителството, откако на минатото рочиште им беше доставен список на сведоци кои, според Обвинителството, може да бидат повлечени од постапката бидејќи нивното сведочење е веќе опфатено преку други сведоци.
На претходното рочиште беше сослушан сведокот Живко Ставревски, помошник-генерален инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кој изјави дека до 2020 година не биле предвидени редовни инспекциски надзори во општини без инспектори, а Кочани немало покриеност со инспектор за проверки и превенција.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

