На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше вештото лице и технички советник од областа на градежништвото, Петре Русевски, предложен од првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката.

Русевски изјави дека закупецот на просторот не презел градежни активности што би можеле да се квалификуваат како реконструкција на објектот, туку извршил градежно-занаетчиски зафати и ентериерно уредување за потребите на дејноста.

Во однос на материјалите, тој потврди дека се употребувани стандардни материјали (армиран бетон, челични носачи, керамички блокови) и дека објектот бил изграден според одобрението. Одговарајќи на прашање од одбраната, вештакот истакна:

– Во смисла на градежништвото и фактичката состојба на објектот како градежна конструкција, а имајќи предвид дека добил одобрение за градба, сметам дека не претставувал опасност за околните објекти.

На оваа изјава реагираа родителите на загинатите нарекувајќи го првообвинетиот убиец, по што судот побара дел од родителите да ја напуштат судницата.

По кратка пауза, рочиштето беше прекинато бидејќи првообвинетиот Јованов побара лекарска помош поради болки во грбот и градите. Судијата Дијана Груевска-Илиевска соопшти дека и покрај тоа што ЕКГ-прегледот не покажал акутна состојба, лекарот препорачал опсервација.

Судијата појасни: – Во овој момент ќе го прекинеме судењето, ќе го вратат во притвор, а доколку продолжи да се жали, разговарано е и со директорот на затворот во Куманово и ќе биде однесен на дополнителни испитувања и кардиолошки прегледи во Куманово.

Притворот на Јованов истекува на 3 октомври, а одбраната најави гаранција во имот од речиси 200 илјади евра. Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Exit mobile version