Стабилно, но студено време со утрински температури кои насекаде ќе се спуштат под нулата, најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за периодот што следи. Особено внимание треба да се обрне претстојниот викенд, кога ќе дува засилен до силен северен ветер, кој локално ќе надминува брзина од 60 километри на час.
Што се однесува до денешниот ден, утрово во крајните југозападни делови можни се слаби врнежи од дожд и снег. Во остатокот од земјата ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб до умерен северен ветер.
Температурите денеска ќе се движат од минимални -1 до 5 степени, додека дневниот максимум ќе достигне од 4 до 10 степени.

