Денеска во Општина Кисела Вода се одржа стручна работна средба посветена на темата „Промоција на безбедна училишна средина“, чија главна цел е продлабочување на институционалната соработка и навремена превенција од несакани појави во образовните установи.
Настанот обедини широк спектар на професионалци кои секојдневно се вклучени во воспитно-образовниот процес и грижата за младите. На средбата, заедно со директорите на основните училишта од територијата на општината, училишните психолози и претставниците од општинската администрација, свое учество зедоа и гостите од надлежните институции: Елизабета Поповска Маневска, раководител на Службата за деца во ризик и деца во судир со закон при ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа (ЈУМЦСР) – Скопје, заедно со членови на нивниот стручен тим, како и Ана Попризова, сертифициран обучувач за законски обврски и стратегии за справување со насилство и ученичко учество.
Настанот официјално го отвори градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, која ја потенцираше важноста од заедничкото делување:
-Сите ние присутни овде денес делиме една највисока и најважна цел, безбедноста, здравјето и добросостојбата на нашите деца. Училиштето не е само место каде што тие стекнуваат знаења; тоа е просторот каде што го поминуваат најголемиот дел од денот, каде што се социјализираат и се оформуваат како личности. Токму затоа, таму тие пред сѐ мора да се чувствуваат заштитени, прифатени и безбедни. Свесни сме дека секојдневно се појавуваат нови предизвици кои директно влијаат врз младите. Затоа, наша обврска како институции и како стручни лица не е само да ги решаваме проблемите откако ќе настанат, туку да делуваме превентивно, навремено и организирано. Токму тоа е клучната цел на оваа работна средба: да воспоставиме многу подобра, поцврста и подиректна институционална координација. Кога ќе се појави каква било проблематична ситуација, ниту едно училиште не смее да биде оставено само на себе. Само преку ваква постојана соработка, преку меѓусебна поддршка и брза реакција на секој ризик, можеме да изградиме систем кој навистина функционира во пракса и да бидеме сигурни дека создаваме побезбедна училишна средина-потенцираше градоначалничката Стаменкоска Трајкоска
Низ отворена дискусија беа разменети досегашни искуства од праксата, се дебатираше за тековните предизвици со кои се соочуваат образовните установи и беа предочени конкретни стратегии и законски механизми за справување со врсничкото насилство. Сето ова уште еднаш потврди дека тесната соработка и континуираната комуникација меѓу институциите се клучни за навремено детектирање на проблемите и гарантирање на безгрижен раст и непречен образовен процес за сите ученици.

